Чкембари не се за Регионална лига

Новата Регионална лига ја имаше премиерата во Македонија во Охрид каде што меч од осмото коло играа Вардар и Војводина, а за четири дена ќе се игра и првиот меч во Битола. Во Битола доаѓа засилениот Партизан на меч на кој одново ќе се надмудруваат Лино Червар и Раул Гонзалез.
Од трибините сепак, нема да ги дочека атмосфера по која Битола е препознатлива во ракометниот свет.
Навивачката група на РК Еурофарм Пелистер „Чкембари“, со соопштение, јавно кажаа што мислат Регионалната лига – дека не е добро организирана.

Ја известуваме битолската спортска јавност дека навивачката група Чкембари нема да присуствува организирано на натпреварите од регионалната ракометна лига.
Ова натпреварување не е приоритет за групата, а сметаме дека ниту начинот на кој е составен распоредот не остава впечаток дека лигата е сфатена со потребната сериозност. Во само седум дена се предвидени три домашни натпревари, што според нас дополнително го девалвира значењето на самото натпреварување.
Сметаме дека во вакви услови и нашиот клуб не треба да ја третира регионалната лига како натпреварување од највисок приоритет.
Сепак, ги охрабруваме сите навивачи на Пелистер кои се во можност да присуствуваат на натпреварите и да им дадат поддршка на нашите ракометари, пред почетокот на новата сезона.