-
22.11.2026
-
Македонски ракомет
Само два дена по важната победа над Еурофарм Пелистер во македонското дерби, Алкалоид го очекува нов важен натпревар, овојпат на меѓународната сцена. Вечерва во Автокоманда гостува словенечкото Горење Велење, во дуел од ЕХФ Европскиот Куп кој може да има големо значење за европските амбиции на македонскиот тим.
Распоредот не пријател на ракометните екипи во овој период од сезоната. Времето за подготовка е кратко, а Алкалоид ќе мора брзо да се префрли од суперлигашкото дерби во европскиот ритам и да одговори на предизвикот што го носи противникот од Словенија. Горење е екипа со препознатлива ракометна школа, која негува брз и динамичен ракомет, а познато е дека и Алкалоид во Европа игра многу побрзо отколку во македонското првенство.
Тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, зборуваше со голема почит кон противникот, но подвлече дека неговиот тим може да одигра уште еден добар натпревар.
„Распоредот е густ, само два дена по натпреварот со Пелистер играме против Горење. Станува збор за словенечка ракометна школа, за многу тежок противник, кој игра брз и тркачки ракомет. Ќе барам од играчите брзо да ги соберат главите по победата над Пелистер и да одиграме уште еден добар натпревар.
Ги повикувам навивачите да дојдат во салата. Ветувам дека ќе гледаат брз и динамичен натпревар, со многу убава игра за око.
Имам голема почит кон противникот, бидејќи станува збор за клуб со препознатлива ракометна школа и производство на квалитетни средни бекови. Ќе биде тешко, имавме само два дена и два тренинга за да го подготвиме овој натпревар.
Многу сум внимателен, бидејќи станува збор за Горење Велење од Словенија. Не играме против противник од некоја друга земја, туку против екипа од земја која е меѓу најдобрите пет-шест во Европа и во светот. Мора да имаме добар резултат, а тоа ќе мора да го одработиме на терен“, изјави Кирил Лазаров.