Фото: Денис Дуковски / Меѓународен турнир Крсте Андоновски - Охрид 2026
Екипата на Вардар 1961 е првиот финалист на турнирот Охрид 2026. Вечерва во Билјанини извори, актуелниот првак на Македонија го совлада тимот на Тримо Требње со 28-26 и замина во исчекување на дуелот меѓу Охрид и Загреб што ќе го даде протиникот во финалето.
Екипата на Тримо Требње во Охрид се прикажа во одлично издание, а вечерва и не беше далеку од изненадување. Почнаа фокусирано и сигурно Словенците и поведоа со 5-1 и 6-2. Во овој период дури и промашија неколку шанси со кои можеа да направат и поголема разлика, но одличен на голот на Вардар беше Васил Гогов кој вечерва ја доби довербата на тренерот Иван Чупиќ.
Охридскиот турнир минува во знакот на голманите, а вечерва Гогов и Шаломон беа во главната улога. Откако помина најлошиот период во играта и за двата тима, Вардар почна да фаќа приклучок и уште во првиот дел стигна и израмнување.
Натпреварот доби динамика во второто полувреме, а резултатот цело време беше гол за гол. Вардар направи пресврт и поведе прв пат со два гола разлика (21-19) во 48 минута, но Требње не дозволи македонскио тим да се одлепи, туку го одведе натпреварот во неизвесна завршница.
Во клучните моменти во финишот кога се кршеше резултатот одлично одигра Бразилецот Силва и постигна голови со кои Вардар остана во водство. Во последните две минути Вардар ја засили одбраната и не дозволи на Словенците да креираат драма.