-
02.9.2026
-
Македонски ракомет
Фото: ГРК Охрид
Завесата во новата ракометна сезона ќе биде официјално крената денеска, со дуелот меѓу актуелниот првак Вардар 1961 и финалистот на минатосезонскиот Куп на Македонија, ГРК Охрид. Ова е натпревар од Суперкуп на Македонија, еден меч за победнички пехар во натпреварување што во Македонија беше воведено во 2017 година.
Суперкуп не носи конкретни бенефиции за учесниците, но има неколкукратно значење. Пред сѐ тоа е историскиот карактер и значење затоа што победникот влегува во листата на освојувачи на официјален трофеј.
Престижно натпреварување е затоа што се среќаваат двата најуспешни клубови во домашните натпреварувања од претходната сезона и ќе имаат уникатната можност клубот да ја започне сезоната со освоен пехар.
Годинава Вардар 1961 и ГРК Охрид ќе бидат на сцената на првиот официјален натпревар. Двата тима ги дизајнираа своите летни подготовки на сличен начин, па се сретнаа и во подготвителниот период и тоа во финалето на струшкиот и финалето на охридскиот турнир. На двата натпревари победи ГРК Охрид, но видливо беше тактизирањето на тренерите, особено на финалето во Охрид каде што и домашниот, но особено тимот на Вардар на терен извадија некомплетни состави.
Тогаш можеше да им се прогледа низ прсти, но вечерва двата тима треба да бидат на 100%.
Најуспешниот македонски клуб, Вардар 1961 ќе игра за својот петти суперкуп пехар, додека екипата на ГРК Охрид прв пат ќе игра ваков натпревар. Охриѓани ќе станат петтата македонска екипа која настапила во Суперкуп, покрај екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Металург.
Гевгелија вторпат ќе биде домаќин на Суперкуп, претходно во 2024 ги пречека Алкалоид и Е. Пелистер. Првото издание на Суперкуп е во 2017, а прв победник е екипата на Вардар. Досега се играло двапати во Скопје, а по еднаш во Струга, Куманово, Струмица, Гевгелија, Охрид и Кавадарци. Поради пандемијата во 2020 ваков натпревар не се одигра.
Натпреварот ќе почне во 19:00 часот, а директно ќе биде пренесуван на ТВ Арена Македонија.
Машки ракометен Суперкуп на Македонија – историја
2017: Скопје – Вардар – Еурофарм Работник 30:25
2018: Струга – Вардар – Металург 33:24
2019: Куманово - Вардар – Металург 26:24
2020: — Не се одигра — — —
2021: Скопје – Еурофарм Пелистер – Вардар 31:22
2022: Охрид – Вардар – Еурофарм Пелистер 22:23
2023: Струмица – Еурофарм Пелистер – Вардар 26:30
2024: Гевгелија – Еурофарм Пелистер – Алкалоид 30:33
2025: Кавадарци – Еурофарм Пелистер – Вардар 28:27
2026: Гевгелија – „26 Април“ Вардар – Охрид?
СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА
Вардар – 4 трофеи (2017, 2018, 2019, 2023)
Еурофарм Пелистер – 3 трофеи (2021, 2022, 2025)
Алкалоид – 1 трофеј (2024)