Првиот пехар сезонава е за Вардар 1961

Фото: ГРК Охрид

ВАРДАР 1961 – ГРК ОХРИД 32-31 (17-15)


Екипата на Вардар 1961 е победник на деветтото издание на Суперкуп на Македонија. Вечерва во Гевгелија, црвено-црните славеа минимална победа над екипата на ГРК Охрид и го освоија својот петти пехар во ова натпреварување.

Натпреварот беше израмнет во текот на сите 60 минути во кои и двата тима има свои добри моменти. Многу работи се случуваа на теренот, ги видовме на дело сите нови играчи и тоа како се однесуваат кога притисокот ќе порасне. Не беше ова голманска вечер, не беше ова „таков“ натпревар. Но, иако беа на околу 20% одбранети удари и на двете страни, во одредени моменти голманите го одржуваа или менуваа текот на натпреварот, а конечно последната интервенција на Милош Валах значеше и победа на Вардар 1961.

Охрид поведе 4-1, но тоа беше вовед во посериозна игра на Вардар, па брзо стигна израмнување (8-8). Но, Охрид продолжи да го контролира резултатот. Се играше гол за гол, уште еднаш ќе подвлечеме дека имаа свои моменти и едните и другите, за во финишот Вардар да направи пресврт и со два гола предност да го заврши првиот дел (17-15).

Првиот гол во вториот дел заврши во мрежата на Славиќ, па сега Вардар имаше плус три. Мечот влезе во единствената помалку хаотична фаза во која се постигнуваа лесни голови. Ги заменија улогите од првиот дел, следуваше брзо враќање на Охрид и секвенца од 7-3 по која Охрид водеше 22-20.

Чупиќ побара тајм аут, а по минутата одмор немаше веќе лесни голови ниту за едните ниту за другите, до крајот на натпреварот.
Охрид израмни на 31-31 во последната минута, но Јака Малус кој и оваа година ќе биде играч број 1 на Вардар изднуди пенал кој Воркапиќ го претвори во водство од 32-31 на 20 секунди до крајот. Последниот напад на Охрид не изработи чиста позиција, биеше Стрмљан од девет метри, а Валах одбрани и Вардар го освои првиот пехар во новата сезона.


Машки ракометен Суперкуп на Македонија – историја

2017: Скопје – Вардар – Еурофарм Работник 30:25
2018: Струга – Вардар – Металург 33:24
2019: Куманово - Вардар – Металург 26:24
2020: — Не се одигра — — —
2021: Скопје – Еурофарм Пелистер – Вардар 31:22
2022: Охрид – Вардар – Еурофарм Пелистер 22:23
2023: Струмица – Еурофарм Пелистер – Вардар 26:30
2024: Гевгелија – Еурофарм Пелистер – Алкалоид 30:33
2025: Кавадарци – Еурофарм Пелистер – Вардар 28:27
2026: Гевгелија – Вардар – Охрид 32-31


СУПЕРКУП НА МАКЕДОНИЈА
РК Вардар 1961 – 5 трофеи (2017, 2018, 2019, 2023, 2026)
РК Еурофарм Пелистер – 3 трофеи (2021, 2022, 2025)
РК Алкалоид – 1 трофеј (2024)