ВЕСТИ: Снемува билети за СП, Суперкуп пехар за Партизан...

Foto: RK Partizan AdmiralBet/Maja Nastić

Екипата на Партизан е победник на српскиот Суперкуп. Во мечот за пехар, екипата на Партизан за противник го имаше тимот на Динамо Панчево и запиша лесна победа од 34-27 на натпревар на кој комплетно доминираше црно-белиот тим.
Двата учесника во Суперкуп натпреварот се воедно и претставниците на Србија во Регионалната лига во која играат и екипи од Македонија и Црна Гора.

Димитар Узунчев не беше во составот на Целје на првиот официјален натпревар од новата сезона. Целјаните имаа лесна задача и со 34-21 го совладаа тимот на Горица.

Вечерва од 20:00 часот во Бундеслигата се среќаваат екипите на Гумерзбах и Мелсунген. Натпревар на кој една од главните карактеристики ќе биде таа што браќата Даниел Душебаев и Алекс Душебаев ќе играат еден против друг.

Германската федерација пушти во продажба нов контингент од 17.000 билети и информираше дека 75% од билетите за Светското првенство што ќе се одржи во јануари веќе се продадени. Билети за финалниот викенд нема, а за натпреварите во Минхен и Келн каде што треба да игра Германија, поради големата побарувачка, ограничен е бројот на пет билети што може да ги купи едно лице.
Билетите за Магдебург каде што ќе игра Македонија во првата фаза чинат од 10.5 евра (стоење) за двата натпревари, па редоследно: 20.5, 32, 42, 52, 62 и 72 евра за билет од 1 Категорија. ВИП цените се околу 400 евра на ден.

Хрватскиот играч Давид Мандиќ го продолжи договорот со екипата на Мелсунген. Според новиот договор, левото крило ќе остане играч на оваа германска екипа до 2030 година.