Данскиот проект Хој Елит би можел да остане без бодовите освоени во првото коло од втората по ранг данска лига, откако Архус поднесе официјален протест поради настапот на голманот Јаник Грин.
Хој во првото коло славеше убедливо со 32:22 против Архус, а едно од најзвучните засилувања на тимот, поранешниот дански репрезентативец Грин, дебитираше со својот нов клуб.
Причината за протестот се враќа дури 12 години наназад.
Во сезоната 2013/14, Грин беше член на Бјерингбро-Силкеборг, а пласманот на тимот во плејофот зависеше и од резултатот на натпреварот меѓу Сондерјуске и Скандерборг.
Играчите на Бјерингрбо понудиле 15.000 дански круни од својата играчка каса како награда за ракометарите на Сондерјуске доколку го победат Скадерборг. Сондерјуске славел на тој натпревар, а случајот потоа бил разгледуван од надлежните органи на данскиот спорт.
Во септември 2014 година, DIF Matchfixingnævnet донел одлука со која осум ракометари на Бјерингбро и 18 ракометари на Сондерјуске биле казнети со по еден натпревар суспензија и парична казна од 1.000 круни.
Меѓу санкционираните играчи бил и Јаник Грин.
Проблемот е што Грин набргу потоа го напуштил данскиот ракомет и кариерата ја продолжил во странство. Така, суспензијата никогаш не била отслужена во данското првенство.
Сега, по повеќе од една деценија, неговото враќање во Данска го отвори прашањето дали старата суспензија сè уште има правна важност.
Од Хој и самиот Грин сметаат дека казната повеќе не е активна. Грин претходно го проверил случајот со клубот и добил уверување дека суспензијата е одамна застарена.
И данската федерација според досегашните информации, претходно имала став дека казната е застарена. Сепак, по официјалниот протест на Архус, случајот повторно е отворен и надлежните тела треба да донесат конечна одлука.