Алкалоид зачекори кон Топ 16 во ЕХФ Куп

АЛКАЛОИД – ГОРЕЊЕ ВЕЛЕЊЕ 32-23 (15-10)

Алкалоид го совлада словенечкиот Горење Велење во првиот меѓусебен натпревар од третото коло на ЕХФ Европскиот Куп и со убава залиха на голови ќе патува следниот викенд во Словенија. 

Двата тима не ги реализираа своите први два напади, а потоа подобро им тргна на гостите од Словенија кои во шестата минута запишаа највисоко водство од 4-1. Но, веднаш стигна одговорот на Алкалоид и три минути подоцна беше 4-4.
Немаше продолжение на серијата, натпреварот влезе во неефикасен период во кој дури во 15 минута Алкалоид премина во водство (6-5).
Потоа одново без многу жестина во играта, во период во кој Марко Кизиќ имаше свои минути, Алкалоид стигна до плус три.
Одново немаше продолжение, гостите искористија неколку грешки и се вратија на дистанца од гол-два негатива.

Кирил Лазаров доста ротираше во првиот дел, добија шанси повеќе играчи, а натпреварот почна да се прекшува во финишот на полувремето, кога понесени од осумте одбрани на Кизиќ и двата одбранети пенали на Галевски, Алкалоид поведе со 15-10, што беше и конечен резултат на полувреме.

Никола Костески постигна два гола на почетокот на вториот дел за максимални 17-10, а тренерот на гостинскиот тим Жига Лесјак рано побара минута одмор, во 35 минута откако на семафорот стана 19-11.

Алкалоид имаше напад за плус 10 во 40 минута, но не реализираше, а потоа следеа и некои лоши шутеви и Горење го искористи периодот и успеа да намали на шест негатива (17-23) пред Кирил Лазаров да побара тајм аут.

На осум минути до крајот беше 29-22, Алкалоид го контролираше мечот, прашањето беше само со колкава разлика ќе заврши натпреварот.