Шок за Алборг: Сагосен долго ќе биде вон терен

Photo: International Handball Federation

Фрустрирачки старт на сезоната има данскиот шампион Алборг. Екипата претрпе убедлив пораз од Фредериција во домашното првенство (26:33), потоа загуби бод на домашен терен во Лигата на шампионите против ПСЖ (33:33), а сега стигна и уште една лоша вест, а таа вели дека на натпреварот со Фредериција загубиле многу повеќе од само два бода.

Сандер Сагосен се здобил со повреда на карлицата. Норвешкиот суперстар го доиграл натпреварот и покрај болките, но дополнителните медицински прегледи покажале дека станува збор за стрес-повреда на карлицата.

Од Алборг потврдија дека Сагосен ќе мора да паузира подолг период, а според проценката на клубот, неговото отсуство може да трае меѓу шест и 14 недели.

Тоа е сериозен удар за Алборг на почетокот на сезоната, особено во периодот кога данскиот шампион го очекуваат натпревари во домашното првенство и Лигата на шампионите.