ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – МУЛТИ ЕСЕНС 38-27 (18-14)
Е. Пелистер: Брестовац (5 одб.) – Белистојаноски 10, Калајџиески 6, Петар Атанасијевиќ 6
Мулти Есенс: Јорданов (9 одб.) – Трајкоски 7, Тевдовски 5
Екипата на Еурофарм Пелистер ја забележа првата првенствена победа извојувана на домашен терен, против екипата на Мулти Есенс (38-27).
Ова беше натпревар на кој за првпат ги видовме во малку поголема минутажа, а со понекој постигнат гол, новите засилувања на битолскиот тим – Серафимов, Колаковиќ, Татар и Котар. Радува и враќањето на Цветан Кузманоски, а најдобро од сите се снајде Ненад Белистојаноски.
За Мулти Есенс веќе имаме нагласувано дека има многу добра селекција на млади играчи, добро покриена на сите позиции. Нивниот хендикеп е неискуството и младоста во однос на нивните противници во Суперлигата.
Попладнево во Битола почнаа одлично против фаворизираниот противник. Почнаа брзо, за само пет минути стигнаа до предност од 5-1, а потоа успеваа да го одржуваат водството цели 18 минути на теренот, сè до резултатот 11-11. До 24. минута беа во егал (12-12).
Тука некаде заврши магијата на младите ракометари на Мулти Есенс, а контролата врз играта ја презема поискусниот битолски состав. До крајот на полувремето, домашниот состав ги казни грешките на гостите и на одмор замина со комотно водство од 18-14.
Еурофарм Пелистер беше подобриот тим во второто полувреме и од почетокот го диктираше резултатот. Предноста полека растеше и по 45 минути првпат беше плус 10 (28-18).
До крајот на мечот и двете страни коректно го одработија натпреварот за конечни 38-27.