-
23.11.2026
-
Македонски ракомет
Екипата на Еурофарм Пелистер игра во бундеслигашки ритам последниве десетина дена, ритам во кој коцките им се склопија така што, по несреќна случајност, мора да играат два суперлигашки дерби-натпревари во периодот кога ги очекуваат и клучни натпревари за пласман во плејофот на Европската лига.
Дуелите со Алкалоид и Охрид за Еурофарм Пелистер дојдоа во момент кога мора да се одиграат меѓу натпреварите со Гумерсбах, Гдањск и Ла Риоха, на кои Е. Пелистер мора да освои најмалку пет бода. Досега освои два, а следуваат нови клучни натпревари.
Можност за поместување на натпреварот со Алкалоид не постоеше затоа што и скопскиот тим играше европски двомеч, а и поради утрешниот меч на Е. Пелистер во Европската лига. Малку е подобра, полабава ситуацијата кога е во прашање мечот со ГРК Охрид. Таа средба ќе се игра во Битола, а терминот го закажува Е. Пелистер. Олеснителна околност е што Охрид, кој исто така игра во Европа, немаше потреба да патува во Литванија. Своите две средби од Европскиот куп ги одигра на домашен терен викендов, ја заврши таа обврска, па нема да има преклопување ниту кај нив.
Тоа, генерално, не ја менува многу тежината на предизвиците што се пред Е. Пелистер. Подвлечено, тие во рамките на 14 дена треба да одиграат пет натпревари на највисоко ниво. Една позитивна работа за нив во оваа мешаница е што имаат само едно меѓународно гостување, и тоа на последниот натпревар.
На тренерот Лино Червар не му се допаѓа ситуацијата во која во моментов се наоѓа екипата, но лошо изведената приказна со промената на системите на натпреварување во Европа и усогласувањето на календарите е сметка што ја плаќаат сите екипи што во моментов играат во Европската лига. За да ја доловиме комплетната слика, ќе споменеме само дека екипите што од Лигата на шампионите се префрлаат во Европската лига (меѓу нив и Вардар 1961) нема да имаат европски меч три и пол месеци, односно од крајот на октомври до втората недела на февруари.
„Во неколку дена да се играат три натпревари, три дерби-дуели. Тоа сè уште никогаш во животот не сум видел дека може да се случи, но што е тука е“, коментираше Лино Червар за моменталната ситуација.
Утре на битолчани им следува нов натпревар. На домашен терен ќе играат со екипата на Гдањск. Натпреварот во Полска заврши без победник, но оваа екипа игра подобро на гости и победи и на двата дуела, во Гумерсбах и во Логроњо.
Но, тоа што ги пречека во „Palacio de los Deportes“ во Логроњо и во „SCHWALBE arena“ во Гумерсбах е нешто сосема поинакво од она што ќе ги дочека во „Боро Чурлевски“. Вистинскиот тест за играње на гости е во Битола.
„Ни следи голема битка, но ќе се обидеме да го добиеме тој натпревар. Нема да биде лесно, но со помош на публиката... Ако ни дадат поддршка како против Гумерсбах, тогаш мислам дека имаме шанси. Секогаш има шанси кога имаш таква публика.
Играат брз центар, ќе ни биде многу важно да се враќаме во одбрана. Сите мора да бидеме полни со многу оптимизам и да ѝ помогнеме на нашата екипа, а екипата мора да даде сè од себе за да може да се победи таков противник“, изјави Червар.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Гдањск ќе се игра утре во Битола со почеток во 18:45 часот.