ЕВРОПСКИОТ КУП ВО ТРКА, ОХРИД, АЛКАЛОИД И БУТЕЛ ГИ ЧЕКААТ ПРОТИВНИЦИТЕ

Фото: ГРК Охрид

Викендов на европската сцена се појавија и екипите што годинава ќе се борат за пехарот во ЕХФ Европскиот Куп. Тоа е пехар кој сезонава ќе го брани тимот на ГРК Охрид, а шампион од сезоната претходно е РК Алкалоид. Двата последни освојувачи и сезонава ќе играат во ЕХФ Европскиот Куп и противниците ќе ги дознаат на 22 септември, исто како и тимот на Бутел Скопје.
Екипата на ГРК Тиквеш, пак, своите два натпревари од првото коло против екипата на ЕШ од Луксембург ќе ги игра следниот викенд, на домашен терен.
Во очекување на тие дуели, викендов се играат натпреварите од првото коло, а сите вкупни победници се можни противници на ГРК Охрид, Алкалоид и Бутел Скопје.

Еден од нив сигурно ќе биде тимот на Горење од Словенија кој на првиот меч славеше победа над Строволу од Кипар со 20 гола разлика (38-18). Македонскиот интернационалец Михаил Иваноски постигна три гола за тимот на Горење.

Екипата на Беса Фамгас каде што настапува Бобан Каковски беше поразена на домашен терен од Јоникос (22-29) и практично ги загуби шансите за пласман во следната рунда. Каковски беше стрелец на два гола.

Грчкиот ПАОК каде што игра Евгениј Темелковски победи со пет гола разлика на гостински терен во Луксембург, против екипата на Дуделанж и е блиску да стане потенцијален противник на македонските тимови. Темелковски беше стрелец на еден гол од два обида во победата од 33-28.

Се намалија и шансите за пласман во следното коло на екипите на Будванска Ривиера и Дубочица, два тима што заедно со македонските екипи од големата четворка играат во новата Регионална лига. Дубочица само минимално славеше на домашен терен над Алпла Хард од Австрија, а црногроската Ривиера загуби со осум гола разлика на гости кај Драма во Грција.

Денеска ќе се одиграат уште девет натпревари од кои четири се реванш средби. До 20 септември ќе се комплетира целото прво коло, по што на 22 септември ќе биде извршена ждрепката за второто коло во која ќе бидат најмалку три македонски екипи, ако се пласира во следната рунда ГРК Тиквеш, тогаш и сите четири наши претставници.

ЕХФ ЕВРОПСКИ КУП
Истанбул Генчлик– Свиеша 44-37
Мистра – Велазними 39-18
Берн – Макаби Тел Авив 39-25
Драма – Будванска Ривиера 32-24
Калиш – Брно 28-23
Омонија – Гранитас-Карис 25-21
Дубочица – Алпла Хард 34-33
Горење – Парнасос Строволу 38-18
КХ Беса Фамгас – Јоникос 22-29
Киндил – Ферлах 23-27
МК Холон – Албатро 36-32
Дуделанж – ПАОК 28-33