Екипите на Горење (Словенија), ПАОК (Грција), Мистра (Естонија), Берн (Швајцарија), Холон (Израел), Ферлах (Австрија) и Трогир (Хрватска) успешно го минаа првото коло од ЕХФ Куп и ќе бидат потенцијални противници на Охрид, Алкалоид и Бутел Скопје во ждрепката за второто коло во ова натпреварување. До 20 септември ќе се одиграат сите натпревари од првото коло, а меѓу нив и двомечот меѓу ГРК Тиквеш и Еш од Луксембург. Ждрепката за второто коло ќе биде одржана на 22 септември.
Поранешниот голман на ЖРК Вардар, Нигина Саидова е назначена за нов тренер на грчката екипа Анагениси Артас. Ако се реализираат сите трансфери, Саидова во оваа екипа ќе има многу сонароднички. Дури осум Русинки се најавени како засилувања во екипата на Анагниси, а меѓу нив најпознато име е централниот бек Ирина Никитина (36).
Стартот на новата сезона во Шпанија, донесе еден историски момент. Како дебитант во АСОБАЛ се натпреварува екипата Кахасол Проин. Тоа што ја прави посебна оваа екипа, е што на ракометната карта, како град домаќин, прв пат го запиша атрактивниот град - Севиља.
Кахасол во првото коло на домашен терен беше минимално поразен од Пуенте Хенил (30-31).
Германската М18 репрезентација стана европски првак, а еден од топ талентите од оваа генерација, Фин Мајснер доби понуда за петгодишен договор од екипата на Рајн Некар Ловен. Мајснер (17) досега играше во пониските лиги, а сезонава ќе расте во екипата на РНЛ.