Лазаревски и Бомаштар отпаднаа, Педро да Силва неизвесен за Нант

Екипата на Вардар 1961 утре на домашен терен во меч од второто коло на Лигата на шампионите ќе го пречека францускиот тим Нант.

Вардар 1961 и понатаму има проблеми со повредени ракометари и, слично како и во претходното коло во Германија, тренерот Иван Чупиќ нема да може да смета на сите ракометари.

„Лазаревски сигурно нема да биде со нас, а нема да настапи ниту Бомаштар. Лазаревски веќе извесно време има проблем со рамото. Работи и тренира, но одвоено од тимот, па нема да биде со нас и на овој натпревар. Секој ден е подобар, но сè уште не е подготвен да работи со тимот“, изјави тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ и додаде дека и бразилскиот бек Педро Соуса е неизвесен за утрешниот натпревар.

„Педро е во завршната фаза од закрепнувањето. Го имаме последниот тренинг и потоа заедно ќе одлучиме што е најдобро. Се надевам дека, во споредба со натпреварот против Мелсунген во Касел, ќе бидеме посилни и ќе имаме поголема ротација со него.“

Натпреварот меѓу Вардар и Нант ќе се игра утре со почеток од 18:45 часот, а ќе биде директно пренесуван на ТВ Арена Македонија и ТВ Арена Спорт 2.