ИНДИРА КАСТРАТОВИЌ ЌЕ БИДЕ ДЕЛ ОД ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТЕН ФОРУМ

Првиот женски ракометен форум – Охрид 2026 ќе ги собере на едно место познати имиња од европскиот и македонскиот ракомет. Со своите искуства и ставови, панелистите ќе дадат свој придонес во разговорот за сегашноста и иднината на женскиот ракомет.


Кога станува збор за историјата на македонскиот женски ракомет, тука мислиме на Индира Кастратовиќ. Таа е едно од најголемите македонски ракометарки на сите времиња. Кастратовиќ беше дел од генерацијата што во 1997 година го освои историското седмо место на Светското првенство, каде што таа беше и најдобар стрелец на тој шампионат со 71 постигнат гол.
Со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година ја освои Лигата на шампионите и стана дел од една од најголемите спортски приказни во Македонија. Нејзината кариера и придонес во ракометот се препознаени и на европско ниво, со место во „Куќата на славните“ на ЕХФ.
По играчката кариера остана поврзана со ракометот како тренер и спортски работник, а денес е спортски координатор на женските национални селекции на Македонија, со директна улога во развојот и иднината на женскиот репрезентативен ракомет.
Од генерацијата што испишуваше историја, до позиција од која денес се гради иднината на женскиот ракомет, Индира Кастратовиќ ќе биде дел од Првиот Женски ракометен форум. Таа е вистинска инспирација за сите генерации!