-
22.9.2026
-
Македонски ракомет
Алкалоид сезонава се враќа во натпреварувањето во кое го оствари својот најголем клупски успех во историјата со освојувањето на шампионскиот пехар – ЕХФ Европскиот Куп.
Денеска тимот од Автокоманда го доби и својот прв противник – тоа е австрискиот клуб Келаг Ферлах.
Ваквиот исход на ждрепката не е ниту многу добар, не е ниту многу лош. Ждрепката беше модифицирана затоа што ЕХФ ги подели екипите во осум групи поради заштитата две екипи од иста земја да не можат да играат меѓусебе. Со тоа го скрати списокот на можни противници на Алкалоид.
Македонскиот клуб можеше да помине подобро, затоа што на списокот на можни противници беа и екипите на Хелсинки и Гранитас Каунас, но можеше и полошо затоа што меѓу потенцијалните ривали беа и два поранешни освојувачи на ЕХФ Куп – АЕК и Нербо, а и незгодниот словенечки клуб Горење Велење.
Австрискиот Келаг Ферлах е клуб што втор пат во својата историја ќе игра на европската сцена. Во 2020/21 година во ЕХФ Куп стигна до 1/8 финалето каде што беше елиминиран од Анортозис од Кипар.
Минатата сезона во шампионатот на Австрија го освоија третото место. Но, треба да се има предвид дека во плејоф елиминациите, во 1/4 финалето го елиминираа бранителот на пехарот, екипата на Кремс. Потоа во полуфиналето со 2-0 во серијата беа елиминирани од новиот шампион на Австрија, Вослауер.
Во тековнава сезона славеа победа над екипите на Линц и Алпла Хард, а одиграа нерешено на гости со Брегенц. Во моментов се на второто место.
Во својот ростер сезонава имаат осум странски ракометари меѓу кои најпознат e словачкиoт голман Мартин Конечни, но има и други играчи со репрезентативно искуство, меѓу кои поранешниот словенечки репрезентативец Патрик Лебан, словенечкиот младински репрезентативец Блаж Носан, како и Хрватот Адријан Миличевиќ, кој беше дел од ол-стар тимот на ЕП до 18 години во 2016 година.
Тренер на екипата е поранешниот хрватски репрезентативец Миро Баришиќ. Тој како играч дошол во Ферлах уште во 2012 година, а потоа по препорака на познатиот исландски тренер Дагур Сигурдсон добил шанса и како тренер. На почеток во младинската екипа, потоа во женскиот тим, па во женската младинска репрезентација на Австрија со која освои 4 место на ЕХФ Еуро, за конечно да стане тренер и на првата екипа.
Во екипата на Ферлах своевремено играше и македонскиот репрезентативец Ристо Арнаудовски. Тој беше дел од тимот од 2015 до 2017, потоа стана асистент тренер во 2021 и прв тренер на Ферлах од 2022-2024 година.
Првиот натпревар меѓу Алкалоид и Ферлах е предвидено да се игра на 17/18 октомври во Скопје, а реваншот е седум дена подоцна во Австрија.