Од Мили Пјанго до Спор Тото: Охрид доби турски противник

Фото: ГРК Охрид

Екипата на ГРК Охрид сезонава ќе го брани шампионскиот пехар во ЕХФ Европскиот Куп и ќе се обиде да стане само четвртиот тим што успеал најмалку две години по ред да биде првак од формирањето на ова натпреварување во 1993/94 под името Куп на градови.

Македонскиот клуб денеска беше дел од ждрепката за второто коло во која среќата за противник му ја додели екипата на Спор Тото од Турција.
Со исходот на „лотаријата“ охриѓани можат да бидат задоволни. Во ждрепката влегоа како најдоброрангиран тим и добија противник по мерка.

Спор Тото е релативно ново име на европската сцена. Се појавува од 2020 година како редовен учесник во европските натпреварувања, а резултатски најголем дострел му е пласманот во третото коло во ЕХФ Куп во сезоната 2023/24.
Но, приказната на Спор Тото не е нова и има подлабоки корени во европскиот ракомет. Македонските ракометни фанови, особено битолските, веројатно ќе се сетат на оваа турска екипа под нејзиното старо име – Мили Пјанго.
Овој клуб беше шампион во 2006 и редовен учесник во Европа. Во сезоната 2006/07 во тогашниот КПК играше и против екипата на Пелистер и запиша две огромни победи од по 14 гола разлика (36-22 и 37-23) против битолчани.

Ерата на настапи во Европа на Мили Пјанго траеше до 2013 година по што следува темен период сѐ до летото 2019 кога одново се враќа на сцената, со новото име – Спор Тото. Веќе во следната сезона, прва по прекинот поради Ковид, стана шампион на Турција и ja прекина серијата на Бешикташ која траеше неприкинато 11 сезони. Оттогаш нема освоено пехар, но е при врвот на турскиот ракомет.




Спор Тото е екипа која сезонава е комплетен домашен производ. Нема ниту еден странец, ниту во ростерот, ниту на клупата. Има неколку репрезентативци во својот состав, а меѓу нив и еден поранешен играч на Охрид.

Халил Озтурк, ракометарот кој премиерата во Македонија ја имаше во Металург, а потоа премина во Охрид е еден од организаторите на играта на Спор Тото.


Домаќин на првиот натпревар е екипата на ГРК Охрид. Тој меч ќе се игра во периодот 17/18 октомври, а реванш натпреварот е во Анкара една недела подоцна.