Македонија ја надигра Србија, победничко деби за Марковиќ

МАКЕДОНИЈА – СРБИЈА 29-21 (17-9)
Македонија: Петковска, Илиќ, Гакидова 3, Коларовска 1, Гугуанова, Џатевска, Младеновска 4, Јанкуловска 5, Кипријановска, Седлоска, Арсениевска 3, Ристовска 8, Миленковска, Јаневска, Ризоска 4, Беровиќ, Стефаноска, Коцева, Дамјановска, Гошевска
Најдобри стрелци за Србија: Васиќ 7, Оташевиќ 5


Репрезентацијата на Македонија ја совлада Србија на првиот натпреварувачки ден од турнирот „Трофеј Македонија“, а новиот селектор Игор Марковиќ имаше свое победничко деби на клупата на македонскиот тим.
Сигурната игра на македонскиот тим и убедливата победа се убав вовед во турнирот и најава за уште поинтересни натпревари во следните два дена.

Првото полувреме мина во знакот на македонската репрезентација. Избраничките на Игор Марковиќ играа добро во одбраната и тоа им генерираше шанси резултатски да профитираат. Одбраната беше надополнета и со ефикасна игра во нападот и Македонија веќе по десетина минути игра имаше предност од три гола (5-2, 7-4).
Резултатски најдобриот дел од играта на Македонија дојде по 15. минута. Поведе македонскиот состав со 10-5 во 20. минута, во 23. имаше и водство од 12-6, по што противничкиот табор побара тајм-аут.

Но, македонскиот тим беше во добар ритам и продолжи да ги казнува неуспешните напади на српските ракометарки, па во финишот на полувремето напаѓаше и за водство од девет гола. Не успеа последниот напад и на полувреме се замина со резултат 17-9. Сара Ристовска со шест погодоци беше најефикасната ракометарка во првиот дел, а беше следена од Емилијана Ризоска, која постигна четири.
Репрезентацијата на Србија влезе мотивирано во вториот дел со амбиција да ја намали големата негатива. Играа поагресивно во одбраната, па иако Македонија го издржа првиот бран на напади, по 15 минути игра српскиот тим намали на 17-23.

Тоа беше максимумот на гостинскиот тим. Македонија одново фати ритам, стигна до водство од 27-19 во 55. минута и го реши победникот.
Во последните минути и двата селектори воведоа повеќе играчи во ротацијата, кои само го дефинираа конечниот резултат.
Утре со почеток од 17:30 часот, Македонија ќе игра против Црна Гора, а во терминот од 15:30 часот ќе се сретнат репрезентациите на Хрватска и Србија.