-
23.10.2026
-
Македонски ракомет
Photo: ГРК Охрид
MKDHandball пред еден месец најави дека Јапонија за првпат по Олимписките игри во Париз ќе настапува во најсилен состав, што подразбираше враќање во тимот на нејзините интернационалци. Денеска, пак, Јапонската ракометна федерација го објави списокот на селекторот Тони Џерона за подготовките што ќе се одржат во Тунис од 2 до 8 ноември.
Потврдена е најавата на MKDHandball, а повик за настап за јапонската репрезентација добија и плејмејкерот Косуке Јасухира (Бурган, Кувајт), пикерот Шуичи Јошида (ГРК Охрид), десниот бек Југа Еномото (Ѓер, Унгарија) и левото крило Томоки Ишида (Ла Риоха, Шпанија).
Овие четворица ракометари значително ќе ја сменат физиономијата на јапонската репрезентација и би можеле да го кренат нејзиниот квалитет на ниво на кое ќе биде опасен противник за секоја репрезентација.
Јапонија на Светското првенство, кое во јануари ќе се игра во Германија, е во група со Македонија, Бахреин и Исланд. Од групата три репрезентации ќе продолжат во Главната рунда, додека последнопласираната ќе игра во Президент купот.
Тони Џерона во стручниот штаб има и двајца српски тренери со кои соработуваше додека беше селектор на Србија, а сега повторно работат заедно, овојпат во репрезентацијата на Јапонија. Тоа се тренерот на голманите Димитрије Пејановиќ и кондицискиот тренер Предраг Рајковиќ.
СОСТАВ НА ЈАПОНИЈА:
Џин Ватанабе (Тојота Боди), Тацуки Јошино (Тојота Боди), Котаро Мизамачи (Зикстар Токио), Хиројасу Тамакава (Зикстар Токио), Мотоки Сакаи (Осаки Саитама), Даисуке Танака (Тојода Госеи), Такуми Накамура (Тојода Госеи), Адам Јуки Беигу (Зикстар Токио), Кота Наката (Зикстар Токио), Томоја Сакураи (Тојота Боди), Тајга Цутаја (Зикстар Токио), Косуке Јасухира (Бурган СЦ, Кувајт), Југа Еномото (Ѓер, Унгарија), Томоки Ишида (Ла Риоха, Шпанија), Шуичи Јошида (ГРК Охрид, Македонија), Наоки Фуџисака (Даидо Токаи), Хајато Гото (Тојота Мијаги), Каисеи Нанџо (Централ Универзитет).