Македонската машка сениорска репрезентација влегува во последната седмица пред почетокот на подготовките за првите два натпревара од квалификациите за ЕП 2028.
Македонија е во група со Шведска, Грција и Луксембург. Двете првопласирани селекции директно ќе се пласираат на ЕП, а шанса ќе имаат и четири од осумте третопласирани репрезентации.
Македонија во првото коло, на 4 ноември во Скопје, ќе го пречека Луксембург, предводен од новиот селектор Дидие Динар. Четири дена подоцна, на 8 ноември, ќе гостува во Халкида, каде што ја очекува многу посериозен предизвик – дуел со Грција.
Грчката репрезентација во моментов ги живее најсветлите денови во последните 20 години. Грците направија вистински подвиг во баражот за СП 2027, елиминирајќи ја Холандија со две победи, и тоа против селекција предводена од Штафан Олсон и со Лук Стеинс како едно од главните имиња на теренот.
Овој успех не е случајност. Селекторот Георгиос Царавинас располага со широк избор, а на поширокиот список од 35 ракометари има 13 интернационалци и уште 11 играчи од двата најголеми грчки клуба, АЕК и Олимпијакос.
Од интернационалците ќе ги издвоиме пивотот Николаос Љапис, кој настапува за ГРК Охрид, и левиот бек Савас Савас, лани најдобар играч на Олимпијакос, а сезонава ракометар на германскиот Кобург. Меѓу најинтересните имиња е и десниот бек Ахилеас Тоскас, кој игра за францускиот Шамбери. Во Франција настапува и крилото Ставрос Алексиу, член на Екс Прованс, додека левиот бек Теодорос Боскос игра за романскиот Темишвар.
Македонија треба добро да ја научи лекцијата што Холандија ја плати со неиграње на СП. Грција веќе не е селекција што може да се потцени, а во вакви натпревари патриотскиот набој може да биде предност само ако е придружен со концентрација, дисциплина и ладна глава. Токму тука Македонија ќе мора да биде на највисоко ниво.