ГРК ОХРИД – СПОР ТОТО 36-24 (18-10)
ГРК Охрид: Дино Славиќ (14 одбрани), Доминик Мате 10, Дарко Ѓукиќ 6, ...
Спор Тото: Кошкун Гектепе (10 одбрани), Илкан Келешоглу 8, Билим Ѓокај 3, ...
Екипата на ГРК Охрид ја почна одбраната на шампионскиот пехар во ЕХФ Европскиот куп со убедлива победа над турскиот претставник Спор Тото од Анкара, клуб порано познат под името Чанкаја Анкара.
Турскиот клуб прифати двата натпревара да ги игра во Охрид, што беше исправна одлука, затоа што уште на првиот дуел се покажа дека разликата во квалитет е на страната на македонскиот претставник. ГРК Охрид немаше проблеми да стигне до двоцифрена победа, со што утрешниот реванш го претвори во формалност.
Вечерашниот дуел беше резултатски рамноправен само во воведните минути. По 15 минути игра резултатот беше 7-6, а потоа домашниот тим направи серија од 4-0 и се одлепи на високи плус шест. До крајот на полувремето, охриѓани ја зголемија разликата на осум гола (18-10) со што практично го решја победникот, но и го најавија патникот во следната рунда.
На почетокот на второто полувреме, голманот Гектепе врза четири одбрани во краток период, па Спор Тото ја намали негативата на пет гола (16-21) и нападна за минус четири. Тоа, сепак, беше најдоброто што турскиот тим го покажа на овој натпревар. Охрид лесно го одби налетот и по 15 минути игра во второто полувреме повторно имаше плус осум.
Потоа следуваа ротации во двата тима, а Охрид има и подолга и поквалитетна клупа, па комплетно доминираше во последните минути. Во 55. минута ја запиша и највисоката предност од 13 гола (34-21), а на крајот славеше со убедливи 36-24.
Реванш-натпреварот ќе се игра утре со почеток во 18:30 часот во салата „Билјанини извори“ во Охрид.