-
02.10.2026
-
Планета ракомет
Фото: Max Petershans / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)
Нант најде замена за Одриозола
Екипата на Нант активираше медицински џокер и доведе нов ракометар на местото на Каулди Одриозола, кој се повреди во Скопје, во второто коло од ЛШ на натпреварот со Вардар 1961.
Соочен со долгата пауза на шпанскиот ракометар, Нант повторно беше на трансфер-маркетот, а решението го најде во хрватската престолнина. Српскиот ракометар Матеја Додиќ, десно крило на хрватскиот шампион Загреб, заминува во Нант и ќе биде нивни играч најмалку до крајот на тековната сезона.
Магдебург ја затвори вратата за Клар
Откако данскиот клуб Алборг направи добра финансиска зделка со продажбата на германскиот репрезентативец Јури Кнор на ПСЖ и ангажманот на Фареецот Елијас Елефсен а Скипаготу како слободен играч, продолжија шпекулациите околу можноста во екипата да се врати и шведскиот ас Феликс Клар од Магдебург.
На тие најави реагираше директорот на Магдебург. Тој ја затвори вратата за таква опција, нагласувајќи дека Феликс Клар останува во Магдебург најмалку до 2028 година.
Гола сака назад во Флензбург
Германскиот репрезентативен пикер Јоханес Гола побарал од неговиот старо-нов клуб Мелсунген да ја разгледа опцијата за негово враќање во Флензбург, само неколку месеци откако оттаму дојде во Мелсунген. За таа опција се шпекулираше и во текот на летото, пред воопшто да биде реализиран трансферот.
Но, Мелсунген, откако го обезбеди потписот на својот поранешен играч, постави висока отштета, неофицијално од 1,5 милион евра, за да го ослободи од актуелниот договор.
Мелсунген е противник на Вардар 1961 во групната фаза од Лигата на шампионите. Двата тима веќе одиграа еден натпревар во Германија, а наскоро треба да се сретнат и во Скопје.
Гумерзбах го најде наследникот на Вујовиќ
Бундеслигашот Гумерзбах, противник на Еурофарм Пелистер во групата од Европската лига, имаше и убава вест за своите фанови по поразот од Гдањск во првото коло од ЕЛ.
Гумерзбах постигнал договор со 27-годишното исландско крило Ори Фреир Торкелсон, кој во моментов игра за португалскиот Спортинг.
Торкелсон ќе го замени црногорскиот ас Милош Вујовиќ, кој ќе замине по истекот на договорот во јуни. Торкелсон, пак, ќе има шанса да работи со тренерот Гудјон Валур Сигурдсон, кој освен што му е сонародник, играше и на истата позиција и беше еден од најдобрите во светот во својата ера.