Е. Пелистер го промовира Саду Нтанзи: Червар доби нов плејмејкер

Photo: IHF/ Kolektiff 

Еурофарм Пелистер има и добра вест за своите фанови. Во продолжението на сезоната, зелено-белиот дрес ќе го носи и францускиот плејмејкер Саду Нтанзи.
Нтанзи веќе извесен период е во Битола, но не беше регистриран сè досега, односно додека не се средија сите детали околу неговиот трансфер.

Се работи за 26-годишен ракометар кој потекнува од центарот за формација на Пари Сен Жермен и уште еден ракометар кој репрезентативната кариера на големо натпреварување ја лансираше од Скопје, во 2019 година, на кадетскиот мундијал на кој беше и капитен на Франција и го освои петтото место.
Саду Нтанзи стана и најпознатото име од тој француски состав, од тимот од кој по звучност ќе го издвоиме и Омерик Зепфел, кој неодамна потпиша за Фуксе Берлин.

Саду Нтанзи со ПСЖ освои три шампионски пехари, а потоа стана дел од трансферот што ја одведе холандската суперѕвезда Лук Стеинс од Тулуз во ПСЖ, а тој премина во Тулуз. По ПСЖ, важна улога играше и во Татабања, каде што беше селектиран од поранешниот селектор на Македонија, Драган Ѓукиќ. Во Унгарија пристигна кратко откако Драган Ѓукиќ се раздели со клубот, а потоа следеше трансфер кај уште еден поранешен селектор на Македонија, Данило Брестовац, во Ал Араби од Катар, од каде што во еден период беше позајмен во германскиот Мелсунген.

Нтанзи е ракометар кој може да игра во два правца и тој квалитет ќе му биде добредојден на тренерот Лино Червар за повеќе комбинации во дефанзивната формација, иако неговата примарна задача ќе биде напаѓачка.
Еурофарм Пелистер во моментов има најмалку три ракометари на централната бековска позиција, но репутацијата на Нтанзи е таква што недвосмислено сугерира дека тој ќе биде првиот избор на Лино Червар.

„Ни претставува големо задоволство што во нашето ракометно семејство повторно ќе ги отвориме „вратите“ за ракометар од голема светска сила – Франција. Нов член на Еурофарм Пелистер е ракометар кој доаѓа од школата на Пари Сен Жермен и ги мина сите младински категории на француската репрезентација“, објави во соопштение РК Еурофарм Пелистер.