Кој е Нарфи Арндал, играчот кој за 60 минути ја освои Европа?

Photo: IHF

Има само 16 години, но веќе руши рекорди, игра на големата европска сцена и привлекува внимание далеку надвор од границите на Исланд. Брињар Нарфи Арндал е името што ракометна Европа го откри викендов.

„Ракометниот Ламин Јамал“ и „новиот Палмарсон“ се само дел од епитетите со кои е украсена новата исландска ѕвезда. Поранешниот исландски олимписки медалист од 2008 година, Логи Геирсон, напиша дека „нема видено вакво нешто во животот“, по натпреварот меѓу Бидасоа и Хафнарфјордур (ХФ), на кој 16-годишниот исландски суперталент постигна осум гола.

Нарфи Арндал е централен бек кој дебитираше за ХФ со неполни 15 години и стана најмладиот ракометар што заиграл во најсилната лига, а потоа стана и најмладиот стрелец во историјата на нивното најсилно натпреварување.
Неговиот татко е поранешен тренер на ХФ, а неговиот идол – Арон Палмарсон – е неговиот актуелен тренер. Иако е две години помлад, доби покана за настап во исландската репрезентација У18.

Приказната за играчот за кого сигурно ќе слушаме допрва почнува. По само 60 минути во Европската лига, неговите денови во Хафнарфјордур и на островот веќе се одбројани. Младиот „рибар“ го фрли мамецот и веднаш привлече четири големи риби – Барса, Флензбург, Келце и Гумерзбах.