-
04.10.2026
-
Македонски ракомет
Фото: ЖРК Вардар
Женската екипа на Вардар го заврши настапот во ЕХФ Европскиот куп, откако и на двата натпревари од второто коло беше поразена од италијанскиот состав Бриксен.
Двата натпревари се играа во Италија, со што беше отворена вратата за италијанскиот тим кон следната рунда, а Бриксен ја искористи добиената предност.
Првиот меч заврши со победа од 32-29, а на вториот натпревар немаше реванш од црвено-црните, туку поизразена доминација на домашниот состав.
Првиот дел во најголем дел беше резултатски израмнет, но во финишот, од резултат 14-15, вардарките влегоа во лош период и за неколку минути го расипаа впечатокот. Имаа серија од 0-4, по која Бриксен на полувреме замина со предност од 19-14.
Второто полувреме повторно беше во знакот на италијанскиот тим, кој на крајот славеше со 36-25. Со вкупен резултат 68-54, Бриксен обезбеди пласман во следната рунда, додека за Вардар заврши европската сезона.