„Седум на шест“ на удар: ИХФ подготвува промени

Photo: IHF

Светското клупско првенство, одржано во Каиро, беше искористено како шанса за организација на ракометен форум со учество на врвни тренери, играчи и членови на комисиите на Светската ракометна федерација.

Дискусиите беа основа за натамошно дејствување на IHF во поглед на модернизацијата на играта и нејзиното приближување кон гледачите, со крајна цел да се привлече, но и да се создаде нова публика.

Најатрактивната тема беше играта „седум на шест“, односно правилото што дозволува голманот да се менува со кој било играч на теренот. За оваа опција уште од нејзиното воведување имаше поделени мислења. Ја користеа и тие што беа за, и тие што беа против неа. Дури се освојуваа и медали на големи натпреварувања со тактиката „седум на шест“ како моќно оружје.

Овде ќе подвлечеме дека првата репрезентација што играше „седум на шест“ на големо натпреварување беше Македонија, под водство на Лино Червар, на СП Франција 2017 година.

Играта „седум на шест“ одамна го достигна својот врв и веќе не е изненадување за противничките екипи, ниту пак премногу често се користи. Но, не е ниту маргинализирана, а критиките остануваат. Најсилниот адут на противниците на оваа игра е фактот дека таа во пракса го поништува ефектот на казната од две минути.

По Форумот, стигнаа и заклучоците, а ракометната вест на денот доаѓа од Франција, каде што претседателот на федерацијата, Филип Бана, кој е и прв потпретседател на IHF, откри повеќе детали и околу дискусијата и околу плановите на IHF.

Според најавите на Филип Бана, од IHF наскоро можеме да очекуваме модификација или целосно укинување на опцијата голманот да се менува со кој било играч, односно да се игра „седум на шест“.

Советот на IHF во јануари треба да се изјасни, меѓу другото, за можноста да се тестира укинување или промена на правилото „7 на 6“ на светските првенства за младинци и јуниори во 2027 година.

Јуниорското светско првенство во 2027 година ќе се игра во Македонија.