Е. Пелистер кон европска пролет, Гдањск без шанси во Битола!

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – ГДАЊСК 34-27 (20-14)

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оствари втората победа во Европската лига вечерва на дуелот со досега непоразениот тим на Вибжеже Гдањск од Полска.

За битолчани секој натпревар во Европската лига е дуел на сѐ или ништо, а сега стигнаа до последното ниво од играта што ќе ги одведе на гостување во Логроњо, Шпанија. Таму ќе ги одиграат решавачките 60 минути, по кои ќе се знае дали ќе продолжат во Европа и на пролет или сезоната за нив ќе заврши во Логроњо.

Полскиот тим од Гдањск вечерва немаше шанса во Битола. Високо мотивираниот домашен тим по десет минути игра поведе со 7-4. Гостите се доближија на гол негатива (6-7), но пелистерци имаа одговор и повторно поведоа со 9-6. Ваквата ситуација се повтори уште двапати до 25. минута (16-14). Потоа следуваа експлозивни пет минути во кои Еурофарм Пелистер играше одлично и во одбраната и во нападот, па со серија од 4-0 го приведе првиот дел до крајот со висока предност (20-14).

Полскиот тим немаше одговор на играта на Пелистер, па разликата се зголемуваше, а во еден момент изнесуваше и високи осум гола (29-21). Потоа следуваше серија на гостите со која намалија на 25-29, но тоа беше и нивниот максимум на овој натпревар.

Битолчани го исконтролираа натпреварот до крајот и запишаа убедлива победа од 34-27. Филип Кузмановски беше најдобар стрелец со осум гола, а одлична партија одигра и Петар Атанасијевиќ, кој постигна пет погодоци. Жарко Пешевски, Видомски и Хакбарт беа стрелци на по четири гола.