„Ќе има ли промени: Четири тајм аути во ракометот?“

По најавените можни промени во правилото „седум на шест“, во игра е промена на уште едно правило, а се однесува на правото на тајм аут. Во моментов е актуелно една екипа за време на натпревар да има на располагање три тајм аути од кои едниот може да биде искористен само во последните пет минути. Тоа правило наскоро би можело да стане дел од историјата, а тренерите поинаку да можат да ја користат минутата одмор.

Се разгледуваат можни варијанти, а наскоро на маса ќе се најде и една поинаква опција.
Таа ќе предвидува секоја од екипите да има на располагање четири тајм аути од кои два ќе треба да бидат искористени во првото полувреме, а два во второто. Нема да има ограничување, тренерите би можеле во кое било време да ги искористат.

Ако се усвои оваа промена, тренерите ќе добијат поголем простор за тактички маневри и ќе можат подобро да ги искористат различните комбинации во играта. Тоа особено би можело да дојде до израз на натпреварите со неизвесни завршници, без притоа да се одолжува нивното времетраење.