Екипата на Вардар 1961, по четирите порази во Лигата на шампионите, ги загуби шансите за пласман во главната рунда и во последните две кола ќе игра за своја душа и ќе се воигрува за елиминациите во ЕХФ Европската лига.
Епилогот не е тој што се очекуваше, но променетиот систем на натпреварување не простува грешки. Ова е систем налик на Европско првенство, каде што само две екипи минуваат од групата, а за екипите што не се од првиот и вториот ешалон во ЛШ, голем успех ќе биде ако (некогаш) успеат да ја минат првата фаза.
За утеха, Вардар 1961 нема комплетно да биде елиминиран од Европа, па ќе продолжи во елиминациската фаза на Европската лига.
Ова не го оправдува скорот на Вардар 1961, кој од четири меча има четири нули, со голема шанса денеска да ја додаде и петтата. Вардар 1961 вечерва ќе му гостува на Нант, кој е во тесна трка со Висла Плоцк и Мелсунген за првите две места.
Французите мораат да победат, Вардар игра само за образот, па целиот притисок е на домашниот тим. Тоа е единствената предност на македонскиот тим во однос на францускиот состав. Денеска очекуваме во тимот да се појави и Урош Митровиќ, кој ја одработи суспензијата од четири натпревари и да почне да се воигрува за она што го чека Вардар 1961 во Европската лига.
Натпреварот меѓу Нант и Вардар 1961 ќе се игра во вториот термин од ЛШ, од 20:45 часот. ТВ-пренос од овој натпревар ќе има на ТВ Арена М3 Премиум со коментар на македонски јазик и на ТВ Арена Спорт 4 со коментар на српски јазик.
Директни ТВ-преноси денеска ќе има и од натпреварите Партизан – Порто и Загреб – ПСЖ.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
5. КОЛО, ДЕНЕСКА:
18:45 Динамо Букурешт – Скандерборг АГФ
18:45 Партизан – Порто (ТВ Арена М3 Премиум)
18:45 Загреб – ПСЖ (ТВ Арена 4)
18:45 Веспрем – Фуксе Берлин
20:45 Олборг – Цеље
20:45 Криенс – Кјелце
20:45 Нант – Вардар 1961 (ТВ Арена М3 Премиум, ТВ Арена 4)
ТАБЕЛИ
Група „А“: 1. Веспрем (8), 2. Фуксе Берлин (6), 3. Порто (2), 4. Партизан (0)
Група „Б“: 1. Висла Плоцк (6), 2. Нант (6), 3. Мелсунген (4), 4. Вардар 1961 (0)
Група „Ц“: 1. ПСЖ (7), 2. Олборг (7), 3. Загреб (2), 4. Цеље (0)
Група „Д“: 1. Спортинг (7), 2. ГОГ (6), 3. ПИК Сегед (3), 4. Кристијанстад (0)
Група „Е“: 1. Барселона (8), 2. Скандерборг АГФ (5), 3. Монпелје (2), 4. Динамо Букурешт (1)
Група „Ф“: 1. Магдебург (8), 2. Кјелце (4), 3. Криенс (4), 4. Колстад (0)