Македонија гледа кон ЕП 2028, Лазаров го избра поширокиот состав

Селекторот на македонската сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, денеска го објави поширокиот список на репрезентативци пред настапот на Македонија во квалификациите за ЕП 2028, што ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија.

Македонија е во група со репрезентациите на Луксембург, Грција и Шведска, а првопласираната и второпласираната селекција ќе обезбедат пласман на ЕП. Третопласираната екипа од групата ќе се „пребројува“ со третопласираните од другите седум квалификациски групи. Вкупно четири од осумте третопласирани селекции ќе обезбедат учество на ЕП 2028.

Првпат во составот на Македонија е Дмитро Хориха, новиот македонски репрезентативец. На списокот од 35 ракометари е и Филип Талески, а повик има и за Ненад Белистојаноски, Марио Стојановски, Ален Ќосевски, Цветан Кузманоски, Мирче Калајџиески...
На овој список го нема Ненад Костески, кој е повреден и ќе ја пропушти оваа репрезентативна акција.

Планот на селекторот за проширување на репрезентативната база се реализира и со неговиот следен избор. Кога од списокот ќе треба да отпаднат петнаесетина имиња, Лазаров ќе мора да донесе неколку потешки одлуки.

Конкуренцијата е доста силна и израмнета, особено на голманската, пивотската и десната бековска позиција.
Но, дуелите со Луксембург на домашен терен и со Грција на гости, кои се први во квалификацискиот циклус, можат да се искористат и за испробување на повеќе играчи, па можеби ќе видиме и некои имиња што досега не добивале шанса. Главниот избор ќе биде по еден месец, кога ќе треба да биде селектирано најдоброто од најдоброто за настап на Светското првенство во Германија во јануари 2027 година.

Собирот на репрезентацијата во Скопје е на 1 ноември. На 4 ноември во Скопје ќе играме со Луксембург, на чија клупа на официјален натпревар ќе дебитира француската легенда Дидие Динар, а на 8 ноември во Халкида ќе играме против Грција.