-
23.10.2026
-
Планета ракомет
Фото: Денис Дуковски/Меѓународен турнир Охрид
Белорускиот репрезентативец Игор Бељавски, кој настапува за екипата на Загреб, изјави дека сака да игра за својата репрезентација, со што стави крај на шпекулациите за наводниот интерес на Хрватска да го натурализира.
Бељавски одигра одличен натпревар против ПСЖ во последниот меч од Лигата на шампионите и со осум гола го предводеше Загреб до сензационална победа. Неговиот настап ја потсети хрватската јавност, но и медиумите, на старата приказна за неговата натурализација.
Приказната потекна од тренерот Ненад Шоштариќ, кој уште во 2025 година го пофали белорускиот ракометар и истакна дека таков играч добро би ѝ дошол на Хрватска. Претседателот на Хрватскиот ракометен сојуз, Томислав Граховац, во изјава за медиумите не ја отфрли можноста, но уште тогаш нагласи дека првиот услов е самиот ракометар да сака да игра за Хрватска.
Подоцна, според изјавите на самиот ракометар пренесени од хрватските и српските медиуми, имало интерес од хрватска страна и му била спомената можноста за добивање хрватско државјанство. Бељавски одговорил дека сака да игра за Белорусија и да го дочека нејзиното враќање на меѓународната сцена.
Не само тоа, туку Бељавски најверојатно ќе го напушти Загреб по завршувањето на сезоната. Според медиумските информации, неговиот нов клуб би можел да биде полскиот шампион Келце.