Романците го сакаа Јиха, но добија домашен селектор

Photo © Max Petershans / CC BY-SA 4.0 (via Wikimedia Commons)

Машката ракометна репрезентација на Романија има нов селектор. Откако пропаднаа преговорите со Филип Јиха, поранешниот тренер на германскиот гигант Кил, Романците се одлучија за домашно решение и го избраа Санду Јакоб.
Според информациите на романските медиуми, преговорите со Јиха не завршиле успешно поради компликации околу неговиот ангажман и финансиските услови. Романската федерација потоа се насочила кон Јакоб, кој има искуство и како тренер на клупско и селекторско ниво.

Претходникот на Јакоб, Георге Буричеа, ја напушти селекторската функција откако му истече договорот, а претходно беше привремено суспендиран од романската Национална антидопинг агенција поради наводно овозможување забранета медицинска постапка за репрезентативецот Резван Триф. 

Јакоб е поранешен романски репрезентативец, а во тренерската кариера ја предводел младинската репрезентација на Романија, како и сениорскиот национален тим на Грузија.

Новиот селектор ќе има малку време за адаптација, бидејќи Романија ја очекува продолжението на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. На 5 ноември гостува кај Франција, а три дена подоцна ќе ја пречека Полска. Во групата е и Летонија.