Мем и Питлик се само почеток: Берлин сака уште тројца топ играчи!

Германскиот Фуксе Берлин следното лето ќе состави дрим тим налик на оној на Пари Сен Жермен, кога во францускиот клуб настапуваа Микел Хансен, Никола Карабатиќ и плејада други врвни ракометари.

Матијас Гидсел ќе добие друштво во Симон Питлик и Дика Мем, а третото потврдено засилување е пивотот Тео Монар.
Но, клубот нема да застане тука. Директорот Боб Ханинг најави дека за сезоната 2027/28 во Берлин ќе пристигнат уште тројца ракометари од светска класа, но не откри за кои имиња станува збор.

Од клубот, пак, заминуваат двајцата пикери. Мијајло Марсениќ уште пред повеќе од еден месец потврди дека ќе си замине, а денеска Берлин официјално објави дека клубот ќе го напушти и капитенот Макс Дарј.

Шведскиот пивот минатата сезона ја презеде капитенската лента од Пол Друкс, а неговиот договор истекува во јуни 2027 година. Наскоро се очекува да стане познато и каде ќе ја продолжи кариерата.