Фото: Денис Дуковски/Меѓународен турнир Охрид
Новиот формат на Лигата на шампионите, според кој половина од екипите ја напуштаат елитата по само шест одиграни натпревари во период од два месеца, ја покажа и својата лоша страна. Од ноември до крајот на сезоната остануваат само 16 екипи, додека клубовите, меѓу кои секогаш ќе има и звучни имиња и тимови што граделе состав за настап во ЛШ, ќе се преселат во утешната ЕХФ Европска лига. Но, и таму веднаш влегуваат во елиминации, па колку долго ќе останат во Европа ќе зависи и од среќата во ждрепката.
Тренерот на Вардар 1961, Иван Чупиќ, се осврна на овие моменти на денешната прес-конференција.
„Поради врвните шест до десет екипи не е дозволено да се играат повеќе натпревари и да се избалансира екипата. Тоа го носи новиот систем. Ако имате двајца повредени ракометари или проблеми со формата, веднаш завршувате. Завршуваме за шест недели, а јас не знам за друга Лига на шампиони што завршува толку брзо. Четири години чекаме на ова ниво, а одземено ни е задоволството да играме подолго“, изјави Чупиќ.
Сепак, елиминацијата од ЛШ и не е толку страшна, бидејќи клубовите не ја завршуваат европската сезона, туку се селат во ЕХФ Европската лига, каде што добиваат втора шанса.
Поголемиот проблем е долгата пауза меѓу последниот натпревар во ЛШ и првиот во Европската лига, која може да трае и неколку месеци.
„Сериозен проблем ќе ни биде тоа што следуваат пет недели во кои ќе играме само по еден натпревар неделно. Не можеме да се подобриме ако играме еднаш неделно и тоа, со должно почитување, со екипи како Младост, Бутел и Куманово. Ни следуваат Еурофарм Пелистер и Алкалоид, а потоа и огромна пауза. Се мачиме десет натпревари за да играме пет-шест натпревари во Европа. Мислам дека овој систем не е доработен до крај“, рече Чупиќ.
Забелешките на тренерот на Вардар 1961 имаат основа, а дека проблемот е препознаен потврди и ЕХФ. Неодамна објавивме дел од интервјуто со претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, во кое тој зборуваше токму за овој проблем.
Видерер најави дека ЕХФ разгледува модели со кои би се пополнила оваа пауза. Не откри конкретни детали, но изјави дека на маса има сериозни предлози и дека наскоро, во декември или јануари, клубовите, а потоа и јавноста, ќе бидат информирани за можните решенија.
Каков предлог ќе биде усвоен и кога најрано би можел да почне да се применува, ќе дознаеме кога ЕХФ ќе ги открие картите.