Флензбург не преговара со Нилсен, но не ја затвора вратата

Спортскиот директор на Флензбург, познатиот Љубомир Врањеш, демантираше дека германскиот клуб е во преговори со данскиот голман Емил Нилсен од Веспрем.

Шпекулациите се појавија откако во Унгарија беше подготвен предлог-закон со кој поинаку ќе се оданочуваат врвните спортисти, односно ќе загубат дел од даночните привилегии, што би ги направило многу поскапи за клубовите отколку што се во моментов.

„Го контактиравме агентот на Нилсен, но тоа беше одамна. Не сме во преговори и не знам од каде излезе таа информација. Следиме што се случува во Унгарија, но ако дојде до таков момент, сигурно уште десет други екипи ќе го бараат. За мене, како спортски директор, би било погубно да кажам дека ние нема да бидеме меѓу нив“, изјави Врањеш за германските медиуми.