Алкалоид го дозна името на противникот во третото коло на ЕХФ Европскиот куп. Тоа е екипата на Горење Велење. За Алкалоид ова е сериозен ривал, но не и противник од кој треба да се стравува само поради името.
Горење Велење е клуб со сериозна ракометна традиција и петкратен шампион на Словенија, но постои разлика меѓу реномето на клубот и квалитетот на сегашниот состав, како и играта што ја покажа во досегашниот тек на сезоната.
Следниот европски гостин во Автокоманда има нов тренер, подмладен состав, македонски интернационалец кој доаѓа токму од Алкалоид и прилично променливи резултати на почетокот на сезоната.
На клупата од оваа сезона е Жига Лесјак, кој има 35 години. Препорака за неговиот ангажман беа добрите резултати што ги постигна додека работеше во Словењ Градец. Горење го ангажираше како долгорочно решение, со идеја да развива млада екипа и да гради тим врз домашни ракометари. Тој дојде на местото на Зоран Јовичиќ, кој го водеше тимот осум години и освои две шампионски титули.
Сега клубот тргна во нов правец, со помлад тренер и подмладен состав. Сепак, Словенија е позната токму по продукцијата на врвни ракометари од сопствените школи, за што има бројни примери.
Михаил Иваноски е врската со Алкалоид. Леворакиот бек оваа година од Автокоманда премина во словенечкиот тим и таму не е само играч за ротација, туку ракометар кој на два натпревара беше најдобар стрелец на екипата.
Горење во своите редови има и помлад Благоштиншек. Тоа е Анже, брат на еден од најпознатите словенечки пивоти од последната деценија, Блаж Благоштиншек, кој настапува за Фленсбург.
Горење сезонава има биланс од четири победи и пет порази и се наоѓа на седмото место на табелата. Од петте порази, три се во низа, во последните три кола. Ќе ги издвоиме поразите од Тримо Требње на домашен терен (25-33) и од Слован Љубљана на гости (29-37).
Во добар дел од овие натпревари Горење беше рамноправно, но покажа знаци на нестабилност, особено кога противникот ќе го подигнеше темпото. Тоа отвора прашања за транзицијата, техничките грешки и ротацијата на играчите, кои ќе бидат важни точки за анализа пред двомечот.
Во секој случај, Кирил Лазаров и неговиот тим ќе имаат материјал и доволно време да ги анализираат слабостите на словенечкиот ривал.