-
28.10.2026
-
Македонски ракомет
Екипата на Вардар 1961 денеска (18:45 часот) ќе го одигра последниот натпревар во Лигата на шампионите, по што ќе се пресели во ЕХФ Европската лига, каде што ќе настапи во елиминациите што почнуваат во втората недела од февруари.
Последен противник на Вардар 1961 во ЛШ е Мелсунген, предводен од Роберто Гарсија Парондо, тренерот со кој „црвено-црните“ станаа европски шампиони во 2019 година. Шпанецот ја одработува последната сезона на клупата на германскиот тим пред да замине во ПСЖ, а последната сезона ја игра и уште еден член на шампионскиот состав од 2019 година – Даинис Криштопанс. Летонецот, сепак, нема да го видиме денеска на теренот во Скопје.
За Вардар 1961 овој натпревар нема да промени ништо на табелата, но за Мелсунген има многу поголемо значење. За волја на вистината, германскиот тим би можел да продолжи во ЛШ дури и со пораз во Скопје, доколку Нант ја победи Висла на гостински терен. Но, ако полскиот тим слави, тогаш Мелсунген ќе мора да освои најмалку бод.
Двата натпревара, Вардар – Мелсунген и Висла – Нант, ќе се играат во исто време, така што нема да има простор за калкулации. Мелсунген ќе мора да игра за победа во Скопје.
Но, Парондо доаѓа во градот во кој го прослави најголемиот успех во тренерската кариера во лош момент за неговиот тим.
Ослободен од притисокот што го носеа резултатите во ЛШ, Вардар 1961 го одигра својот најдобар натпревар сезонава и го декласираше Нант среде Франција во минатото коло. Со речиси истиот состав како во Нант ќе настапи и денеска. „Црвено-црните“ повторно ќе бидат без Абделхак, но овој пат ќе имаат 16 ракометари во тимот.
Вардар сигурно ќе сака да го искористи моментумот по победата во Франција и со уште едно добро издание да го продолжи залетот пред дербито со Е. Пелистер, закажано за в недела.
Натпреварот меѓу Вардар 1961 и Мелсунген во живо ќе може да се следи на ТВ Арена М3 Премиум, додека дуелот меѓу Висла Плоцк и Нант ќе биде пренесуван на ТВ Арена Спорт 6.