-
28.10.2026
-
Македонски ракомет
Фото: РК Вардар 1961
ВАРДАР 1961 – МЕЛСУНГЕН 26-26 (14-12)
Вардар 1961: Милош Валах (14 одб), Матео Фаудил 7, Вукашин Воркапиќ 4
Мелсунген: Небојша Симиќ (11 одб), Леон Штел 8, Јоханес Гола 5
Вардар 1961 и Мелсунген ги поделија бодовите во последното коло од Лигата на шампионите на мечот одигран во Скопје (26-26), додека во Плоцк, Висла го совлада Нант (33-27).
Со ваквиот епилог, екипите на Висла Плоцк и Мелсунген продолжуваат во Лигата на шампионите, додека во ЕХФ Европската лига се селат Вардар 1961 и Нант.
Четири порази, реми и победа е остварувањето на Вардар 1961 во Лигата на шампионите сезонава. Новиот формат на ЛШ со истите погубни елементи како и Европско првенство, за пола од екипите од ЛШ значи крај по само месец и пол играње. Следниот европски меч ќе биде во февруари во Плејоф од Европската лига.
Денешниот меч почна со одбрана на Милош Валах, но веднаш и три последователни одбрани на Симиќ на спротивната страна, со што голманите го наведоа кон себе светлото на рефлекторите.
Мелсунген ја имаше предноста во најголем дел, на моменти водеше и со три гола разлика, но Вардар одигра технички совршено прво полувреме и единствено Симиќ беше тој што ја правеше разликата.
Но, подоцна во ритам влезе и Милош Валах, Мелсунген и повеќе грешеше и по 30 минути игра беше плус два за македонскиот тим.
Предноста беше анулирана на почетокот на второто полувреме, Германците стинаа до израмнување, подоцна и до водство.
Но, Вардар не им дозволи да се одлепат, мечот беше во егал до самиот крај со тоа што Вардар беше во подобра позиција во последната минута. Но, не успеа да се одбрани во клучниот напад, крилото Дорстен остана сам и постигна гол за нерешено.
Потоа имаше ситуација за ВАР, но португалските судии не се осмелија да досудат црвен картон и седмерец, туку фаулот на Јоханес Гола беше оценет само за исклучување, без задолжителниот пенал и мечот заврши без победник.