Червар се враќа во дербито со Вардар, Чупиќ ја прифаќа фаворитската улога

Најголемото македонско дерби, дуелот меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, е на програмата викендов. Во недела, со почеток од 17:45 часот, во салата „Јане Сандански“ ќе се одигра првиот дуел меѓу овие две екипи сезонава.

ТВ-пренос ќе има на МТВ, националниот сервис кој одново е во игра за преносите од ракометните натпревари.

Лино Червар, по десетина години пауза од некогаш легендарните дуели меѓу Металург и Вардар 1961, повторно ќе се соочи со црвено-црните. На клупата на Вардар сега е неговиот некогашен ученик и поранешен хрватски репрезентативец Иван Чупиќ.

Во пресрет на натпреварот, Чупиќ потенцираше дека Вардар 1961 е фаворит и дека нема да бега од таа улога. Црвено-црните се екипа креирана за настапи во Лигата на шампионите, па сега треба да ја оправдаат фаворитската улога и во одбраната на шампионскиот пехар.
Тренерот на Вардар истакна и дека Еурофарм Пелистер игра специфичен ракомет, поинаков од оној со кој неговиот тим се соочувал во групната фаза од Лигата на шампионите.