Охрид двапати дома, Алкалоид ќе гостува во Словенија!

Фото: ГРК Охрид

Екипата на ГРК Охрид и во третото коло од ЕХФ Европскиот куп нема да игра на гостински терен и да го почувствува шармот на патувањето низ Европа.

Охриѓани и Драгунас Клаипеда од Литванија се договорија двата натпревари од третото коло во ЕХФ Европскиот куп да се одиграат во салата „Билјанини извори“. Натпреварите се закажани за 21 и 22 ноември, со почеток во 18:00 часот.

Претходно, и во второто коло, Охрид ги одигра двата европски натпревари на домашен терен против турскиот тим Спор Тото.

Алкалоид, пак, ќе патува во Словенија. Скопскиот состав, откако во двата натпревари го совлада Ферлах – едниот во Скопје, а другиот во Австрија – сега повторно ќе има европско гостување во соседството. Противник на Алкалоид ќе биде Горење од Велење.

Словенците веќе го закажаа реванш-натпреварот. Тој ќе се игра во познатата „Рдеча дворана“ на 29 ноември, со почеток во 19:00 часот.