-
30.10.2026
-
Планета ракомет
Фото: Cyrille Largillier / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)
За македонските ракометни фанови, особено на тие кои црвено-црната боја им е повеќе при срцето, победата на Вардар над Нант како гостин ја спаси целата сезона во ЛШ.
Вардар, сеедно, неуспешно ја заврши сезоната во ЛШ. Имаше добри партии, но освои само три бода и тоа откако веќе математички беше елиминиран. Блиску до таква судбина е и Е. Пелистер, елиминирани се Бутел и Тиквеш, па засега единствено Алкалоид и Охрид добро котираат во своите настапи.
Но, не се македонските клубови тема, туку – француските. Тоа се клубови што доаѓаат од професионална лига, со големи буџети. Ќе напоменеме дека не повеќе од 40% од буџетите им се наменети за плати на играчи и тренери, но сеедно, зборуваме за суми со шест нули. На ранг листата се на четвртото место, пред нив се само Германија, Шпанија и Данска и единствените покрај Германија што имаат право на 4 екипи во Европската лига.
Еве што испорачаа Французите сезонава: Нант беше декласиран од Вардар, поразен од Висла и Мелсунген и не се пласираше во Главната рунда.
ПСЖ се пласираше, но еден од најскапите тимови во светот, на тој пат запиша пораз од Загреб.
Монпеље е приказна за себе. Тие сезонава во Лигата на шампионите имаат една победа и пет порази. Од тие пет порази, загубија дома од Архус со осум гола разлика (30-38) и загубија дома од Динамо Букурешт со 10 гола разлика! (26-36).
Санкт Рафаел, респектиран тим од аѕурниот брег. Во Европската лига има скор 0-3. Поразен е од Нексе со седум, од Елверум со четири и од Хамараби со осум гола разлика!
Шамбери, еден од најпознатите клубови и можеби најдобриот центар за формација. Загуби од Кадетен дома со седум гола разлика (28-35), а запиша и легендарен пораз од Извиѓач како гостин (33-34).
Единствениот кој засега го правда реномето на француските клубови, е Лимож. Тие имаат три од три во конкуренција со Маритимо, Хаукар и Бидасоа, од кои две средби ги играа на домашен терен.
Се поставува прашањето дали станува збор само за лоша сезона или можеби за поширок проблем. Дали во францускиот ракомет се намалува заинтересираноста за европските натпреварувања? Буџетите и имињата сè уште се големи, но резултатите сезонава - не. А во Европа не се живее на стара слава.