Алкалоид рутински против Прилеп пред трите големи дербија

РК АЛКАЛОИД – РК ПРИЛЕП 37-27 (18-14)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски. Делегат: Бобан Мајнов

РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон, Сухолежник 3, Костески 10, Стојковиќ 2, М. Митев 4, Ѓорѓиев 2, Велковски 2, Цехте 2, Петковски 3, Д. Митев 3, Борзаш 4, Аларов, Ѓорѓовски.
Седмерци: 4/6 Исклучувања: 8 мин. 
РК Прилеп: Трајкоски, Стојкоски, Ангелески, Тренчевски 4, Марковски 5, Кастратовиќ 3, Шипинкоски 3, Адамчески, Лозаноски, Столески 2, Крстески 2,  Димитриоски 4, Стојановски 1, Тутески, Зековиќ,  Цветаноски 2
Седмерци: 1/4 Исклучувања: 10 мин. 

Ракометарите на Алкалоид ја продолжија победничката серија во Суперлигата, откако на домашен терен славеа над Прилеп со убедливи 37-27 во натпреварот од деветтото коло.

Гостите имаа почетно водство, но домашниот тим брзо ја презеде иницијативата. Со серија од 3-0, во која двапати се запиша Марко Митев, а еднаш Иван Џонов, Алкалоид го сврте резултатот и ја презеде контролата врз натпреварот.

Прилеп успеваше да одржува резултатска рамнотежа само во почетната фаза, а Алкалоид постепено ја зголемуваше предноста. Во финишот на првото полувреме домаќините стигнаа и до највисоки плус пет (17-12), но на одмор заминаа со водство од 18-14.

По паузата, Алкалоид уште повеќе ја засили предноста. По седум минути игра во вториот дел резултатот беше 24-17, а во 40. минута домашниот тим веќе имаше осум гола предност (26-18). Прашањето околу победникот беше практично решено, а Алкалоид во продолжението рутински ја одржуваше разликата и во 50. минута за првпат стигна до двоцифрена предност. На крајот славеше со 37-27.

Никола Костески со 10 погодоци беше најефикасен на натпреварот, додека кај Алкалоид Марко Митев и Урош Борзаш постигнаа по четири гола. Во редовите на Прилеп, Петар Марковски беше најдобар стрелец со пет погодоци.

За Алкалоид ова беше последен натпревар пред репрезентативната пауза, по која следува серија од три големи предизвици. Во Суперлигата ќе се соочи со Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер, а во ЕХФ Европскиот Куп го очекува двомечот со словенечко Горење Велење.