Кој може да им застане на патот на Алкалоид и Охрид во Топ 16?

ЕХФ Европскиот куп влегува во својата поинтересна фаза, Топ 16, во која противниците се порамноправни и во која и фаворитите ќе стискаат палци следниот вторник, кога ќе се извлекуваат паровите за Топ 16, односно осминафиналето.
Охрид веќе е пласиран во Топ 16, а по вчерашната победа од девет гола разлика и Алкалоид практично е во следната фаза, иако мора да го верификува пласманот на гостувањето во Велење следниот викенд.
Според досегашната практика, екипите што ќе се пласираат во осминафиналето и сега, последен пат ќе бидат поделени во два шешира според ранкингот.

Алкалоид и Охрид ќе бидат во првиот шешир и ќе се разминат во претстојната ждрепка. Со нив во првиот шешир ќе бидат и некои од следниве екипи:

- Берн од Швајцарија или холандскиот Волендам. Второрангираниот Берн има предност од 36-31 по првиот меч, на кој беше домаќин.
- Олимпијакос двата меча со Слога Добој ќе ги игра во Атина, а ПАОК двата меча со Хашарон во Солун, следниот викенд.
- Плер од Унгарија победи со 34-30 на гостувањето кај АЕК викендов.
- Темишвар од Романија со шест гола разлика (36-30) славеше како гостин во Цетиње, против Ловќен.
- Хаукар од Исланд има гол предност (28-27) пред реваншот против Словењ Градец во Словенија.

Екипите што конкурираат за пласман во Топ 16, а ќе бидат во вториот шешир на ждрепката следниот вторник, се:

Х71 од Фарските Острови. Овој клуб ја елиминираше и втората полска екипа од ЕХФ Европскиот куп, Островија Вјелкополски. Двата меча се играа на островите. На првиот победи Х71 (33-31), а на вториот полскиот тим (30-29). Во Топ 16 одат најмладиот од семејството Скипаготу, Боас Елефсен а Скипаготу, и неговата екипа. Скипаготу, патем, постигна вкупно 21 гол од 23 обиди на двата меча.

За другите седум места ќе се играат уште натпревари:

- Тримо Требње или Винтертур. Словенците победија со 31-29 на домашен терен, но во текот на првиот дел губеа и со шест гола разлика. Пресвртот го направија по 45. минута.
- Рунар Сандефјорд или Турда од Романија. Норвежаните победија на домашен терен со само еден гол разлика (32-31), откако во 54. минута беа во минус од два гола (28-30).
- Војводина има предност од 11 гола од првиот меч со Бистрица од Словачка и во практика е веќе во Топ 16.
- Австрискиот првак Вослау на домашен терен е минимално поразен од хрватскиот тим Горица (26-27).
- Чешкиот тим Дукла Прага е поразен на гостувањето во Естонија од екипата на Полва Сервити (32-36).
- Финската екипа БК-46 и Дубочица од Србија двата меча ќе ги играат во Финска следниот викенд.