Македонија тргнува по билет за ЕП 2028

Денеска почнува новата мисија на ракометната репрезентација на Македонија, со примарна цел да се обезбеди пласман на ЕП 2028, а со скриена желба да се направи изненадување и да се освои првото место во групата. Првата и главната цел – пласманот на ЕП – не би требало да биде проблем за македонскиот тим, кој има доволно квалитет да ја оствари таа задача.

Во групата има четири репрезентации, од кои првите две сигурно обезбедуваат пласман на ЕП, додека третопласираните ќе се најдат во меѓусебна споредба. Во неа ќе учествуваат осум селекции, а четири од нив ќе се пласираат на континенталниот собир што во јануари 2028 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија. При оваа споредба нема да се сметаат резултатите против четвртопласираната репрезентација во групата.

Македонија е во групата со Луксембург, Грција и Шведска. Тоа ја прави комплицирана задачата за остварување на скриената желба – освојување на првото место во групата. Швеѓаните, кои дојдоа од првиот шешир, се топ-фаворити за првата позиција, која може да донесе и значајна привилегија при формирањето на шеширите за ждрепката на завршниот турнир. Тоа, пак, е предуслов за полесен пат во групната фаза на ЕП.

Иако до првиот натпревар, со Луксембург во Скопје, има само три дена, Кирил Лазаров нема да може да го искористи денешниот ден за целосно собирање на тимот и тренинг во комплетен состав. Репрезентацијата нема да биде комплетна, бидејќи ќе недостасуваат ракометарите на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер.
Тие денеска ќе го одиграат суперлигашкото дерби во „Јане Сандански“.

Македонија неделава ќе одигра два натпревари од квалификациите. Во среда, во Скопје, ќе се сретне со Луксембург, на дебито на нивниот нов селектор – француската ракометна легенда Дидие Динар. Четири дена подоцна, на 8 ноември, во Халкида, ќе се соочи со репрезентацијата на Грција.