Денеска од 17:45 часот во „Јане Сандански“ ќе се игра дерби натпреварот од Суперлигата меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер.
Дуелите меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер станаа најголемото македонско дерби уште од почетокот на новиот милениум, кога ривалството од фудбалските терени се пресели и на ракометните, добивајќи нова димензија.
Битола, најракометниот град, го загуби приматот на најуспешен ракометен колектив во годините што следеа, а Вардар, кој првата шампионска титула ја освои во 1999 година, ја почна својата доминација која, со повремени прекини, трае до денеска. Неколкупати беше прекинувана од Металург и Пелистер, но Вардар секогаш беше во најтесната конкуренција. Во меѓувреме, Вардар освои 16 шампионски титули, на кои додаде и две од Лигата на шампионите, со што стана убедливо најуспешниот ракометен колектив во Македонија.
Но, Битола не го загуби епитетот најракометен град и покрај постот од 17 сезони без шампионска титула. Во 2023 година го прекинаа седумгодишното чекање и доминацијата на Вардар, а потоа врзаа уште две титули едноподруго, за вкупно три во низа.
Минатата сезона Вардар 1961 ја прекина „зелената ера“ и прв мина низ целта. Годинава, овие два тима, и покрај засилената конкуренција од Алкалоид и Охрид, одново важат за топ-фаворити за шампионскиот пехар.
Нивните меѓусебни дуели би требало да ја одиграат клучната улога во конечната распределба на местата, а првиот од четирите предвидени во Суперлигата ќе се игра денеска во Скопје. Заинтересираноста е на ниво на најдобрите дуели во Лигата на шампионите, а билетите се целосно распродадени уште пред два дена.
Денешното дерби ќе биде специфично. Лино Червар, хрватскиот стратег чие име во Македонија осум години се поврзуваше со Металург и кој му донесе четири шампионски пехари на тимот од Автокоманда, сите во директни дуели со Вардар, сега е на клупата на Еурофарм Пелистер. Дојде не како спасител, туку како тренер кој треба да изврши реконструкција на тимот и на играта. Червар почна да ги поставува своите начела и принципи во зелениот тим, но тоа што на почетокот изгледаше одлично не беше резултатски поткрепено во Европската лига. Барем засега. Но, ако се сеќавате, и во Металург неговиот почеток не беше сјаен, па подоцна стигна и резултатската награда.
На спротивната страна ќе биде неговиот ученик од репрезентацијата на Хрватска, Иван Чупиќ, кој својата прва голема тренерска работа ја има во Вардар 1961. Вардар во Лигата на шампионите изгледа како тим во кој сѐ уште живее шампионскиот дух од 2017 година. Играше на ниво на екипите од ЛШ, не успеа да ја мине групата, но имаше и врвни претстави кои го поставуваат во улога на фаворит денеска. Особено беше импресивен во Нант, а да не заборавиме и на суперлигашкиот дуел со ГРК Охрид.
Играта на Вардар и на Еурофарм Пелистер значително се разликува, и визуелно и тактички. Двајцата тренери знаат што прават, но само еден тим денеска ќе се радува. За битолчани и бод би бил резултат со кој би се радувале, за Вардар само победа е опција вечерва.