-
01.11.2026
-
Македонски ракомет
Македонската машка репрезентација денеска зачекори на главната сцена и во следните десетина дена целиот фокус ќе биде насочен кон неа.
Македонија го почнува новиот циклус квалификации, во кој треба да се обезбеди пласман на Европското првенство во 2028 година. Не се сомневаме во успехот на мисијата, но патот треба да се изоди, а противниците се амбициозни и желни да ги остварат своите цели.
Првиот собир мина без ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер, кои денеска го играат меѓусебниот натпревар, но тука беа сите останати, вклучително и интернационалците Мартин Томовски и Дмитро Горига.
„Мислам дека веќе имаме големо искуство зад себе и нема да бегаме од улогата на фаворит на натпреварот со Луксембург. Очекувам да бидеме на висина на задачата, но ќе барам внимателност, затоа што Луксембург не е наивна екипа, а од неодамна има и нов селектор, Дидие Динар, кој има огромно искуство и се докажа работејќи со француската репрезентација.
Немаме видеоматеријали од играта на противникот, но знаеме дека поседува квалитет и нема да се залажуваме пред почетокот на мечот. Максимално ќе го искористиме краткиот период за подготовка и очекувам да бидеме прецизни и фокусирани во работата. Особен акцент ќе ставиме на техничко-тактичките замисли, па очекувам да излеземе подготвени на теренот, со голема желба за победа.
Имаме и нов играч во ростерот, тоа е Дмитро Горига. За него кажав и на прес-конференцијата дека се работи за квалитетен ракометар, кој изрази желба да игра за Македонија. Играше за Вардар, нашата јавност го знае многу добро. Сега е член на ПИК Сегед, каде што очекувам уште повеќе да напредува. Со него добиваме поширока ротација и конкуренција во составот, па се надевам дека ќе ни биде од корист во мечевите што следат“, изјави Лазаров.