Новиот циклус на квалификациите во македонската репрезентација донесе и ново име. Поранешниот ракометар на Вардар 1961, Димитро Горига, веќе претставен на македонската јавност во улога на репрезентативец денеска се појави на првиот собир на репрезентацијата, а во среда ќе го има и деби настапот за нашиот национален тим.
Горига денеска прв пат зборуваше пред македонските медиуми во улога на репрезентативец.
„За мене ова е посебен момент. Овој повик за во репрезентацијата на Македонија е голема одговорност. Морам да покажам дека сум спремен, да му помогнам на тимот и да дадам се на максимум.
Сега имаме малку време, но мора да се подготвиме добро.
Голема благодарност за сите македонски навивачи и за сите кои се потрудија да добијам пасош. Оваа љубов оди некако заедно со Вардар. Имам голема поддршка од сите навивачи и тоа е клучно затоа што играм за Македонија. Мислам дека и ова ќе биде нешто ново за мене, но мислам дека брзо ќе се вклопам.
Ракометот во Македонија и во Украина има голема разлика, овде ракометот се сака многу, ја научив и химната на Македонија“, вели Дмитро Горига.
Натпреварот меѓу Македонија и Луксембург на кој Горига ќе дебитира за Македонија е закажан за среда во 19:00 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.