-
01.11.2026
-
Македонски ракомет
Мартин Томовски во репрезентацијата на Македонија се приклучува со епитет на Топ 3 голман во најсилната ракометна лига во светот – Бундеслигата.
По 11 одиграни кола има процент на 10 одбрани по натпревар, а во македонската репрезентација, во отсуство на Никола Митревски кој не е во прв план за следните два меча – Мартин Томовски ќе биде првиот избор и моторот што треба да ги повлече напред помладите колеги – Иван Галевски и Васил Гогов.
Томовски пристигна навреме на првиот собир и веќе го дише репрезентативниот воздух.
„Да се собереме, да ни се приклучат и играчите од дербито во здрав здравствен билтен и да почнеме. Прв меч на домашен терен, фаворити сме, но Луксембург не е екипа што може да се потценува. Ќе се подготвиме максимално за нив, целиот фокус е насочен кон тој натпревар. Се надевам дека ќе пројде добро и дека во среда ќе се радуваме на прва победа во квалификациите.
Квалификациите за ЕП се своевидна предигра за големиот настан што следи – Светското првенство во Германија.
„Натпреварите со Луксембург и Грција секако дека ќе ни послужат како подготовка за настапот на Светското првенство. Но, во моментов не сакаме да гледаме премногу напред. На овој собир треба максимално да се вложиме, а имаме и нов играч. Димитро Горига треба да се вклопи во составот и не би требало да имаме проблем“.
Враќањето во најсилната Бундеслига е повеќе од успешно. По 11 кола, место во Топ 3 во конкуренција во која секоја екипа има звучно име на голот.
„Среќен сум поради моменталната форма, работам напорно се залагам. Се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во репрезентацијата. Тоа е најбитно, за полесно да функционирме и да победуваме, да се надоградиме и да одиме напред“, изјави Мартин Томовски.