Македонија е пред првиот испит, Динар носи нов Луксембург во Скопје,

Македонија го почнува новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2028 со домашен натпревар против репрезентацијата на Луксембург. Воведен меч на кој Македонија е изразит фаворит и добро загревање за следната пречка, дуелот со Грција во Халкида, четири дена подоцна.

Луксембург е репрезентацијата со најслаб рејтинг во групата, но македонските репрезентативци најавија дека ќе бидат сериозни и нема да го потценат противникот. Луксембург не звучи нималку страшно, ама треба да имаме предвид дека и минатата сезона и оваа сезона, во ЕХФ Куп, екипите од Луксембург ги елиминираа македонските претставници.
Лани беше Бутел Скопје, годинава ГРК Тиквеш и тоа со два меча во Кавадарци. Неколку ракометари што играа против Бутел и Тиквеш се дел од репрезентацијата на Луксембург.

Репрезентативците на Луксембург, преку нивните клубови испратија доволно јасна порака за македонските ракометари и тие треба максимално фокусирани да влезат во натпреварот. Нема да биде и тоа едноставно како што изгледа, особено за ракометарите од Е. Пелистер кои во тимот дојдоа неколку часа по загубениот дерби меч во Суперлигата.

Луксембург доаѓа со нов селектор, тоа е Дидие Динар, поранешниот кормилар на Франција и на Црна Гора и за него ова ќе биде првиот официјален натпревар.
Динар непосредно пред дуелот со Македонија, го доби и својот асистент. Тоа е поранешниот алжирски репрезентативец Јасин Буакез. Најголемиот дел од кариерата го има минато во Франција.
Медиумите од Луксембург информираат дека Дидие Динар нема да може да смета на пет стандардни репрезентативци, меѓу кои и капитенот Бен Вејер. Другите четири играчи што нема да дојдат во Скопје се Рафаел Гуден, Оџие Етуте, Димитри Митреа и Лук Кејсен.
Претходно Динар го скрати списокот на 24 ракометари од кои девет се нови играчи. Во Скопје според најавите ќе допатуваат со 20 ракометари.

Натпреварот меѓу Македонија и Луксембург ќе се игра во среда во „Борис Трајковски“ со почеток од 19:00 часот.