Кузмановски: Позрели сме, поискусни и сакаме ново ЕП!

Македонската ракометна репрезентација гo одработи и последниот тренинг пред стартот на квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Прв противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров е Луксембург, а потоа следува и гостувањето кај Грција.
Македонија во двата натпревари ќе влезе со амбиција да освои максимален број бодови, но и да продолжи со градењето на формата пред настапот на Светското првенство во Германија.

Капитенот Филип Кузмановски верува дека, и покрај краткиот период за подготовка, националниот тим има квалитет и искуство да ги исполни очекувањата и квалификациите да ги отвори со две победи.

„Македонија минатиов период покажа континуитет на учество на големите натпреварувања, и сакаме да го продолжиме. И, искрено мислам дека напредуваме од првенство од првенство. Се создаде една нова генерација, позрели сме, поискусни и нормално дека посакуваме сега да обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“ – вели Кузмановски.

Македонија има максимален ефект во досегашните шест меѓусебни дуели со Луксембург, но капитенот предупредува дека противникот не смее да биде потценет.

„Тоа е статистика, но ние не сакаме да потценуваме ниту еден противник. Максимално сме подготвени и знаеме дека не очекува еден интересен натпревар, и сакаме во една убава атмосфера и со позитивен резултат да се подготвиме за дуелот со Грција“, истакнува Кузмановски.

Вистинскиот предизвик, сепак, ќе следува во недела (8 ноември), кога Македонија ќе гостува во Грција. Кузмановски смета дека стручниот штаб има доволно информации за следниот противник и дека репрезентацијата е подготвена и за тој натпревар.

„Имаме доволно материјал за Грците. Добро ги проучивме. Покажаа изминатите квалификации неколку добри игри, посебно онаа против Холандија. Ќе имаме тежок натпревар на гостински терен, но доволно сме искусни, максимално подготвени да одиграме на наше ниво, и без разлика кој противник е на спротивната страна, да одиме на победа“ – вели Филип Кузмановски.